Информативна средба за мотивација и младинско ангажирање во Општина Чашка
АКТИВО од Велес, во партнерство со НВО Инфоцентар преку проектот „Здружени за активно граѓанство“ кој е поддржан од Европската Унија, и во соработка со Оштина Чашка организираше Младински форум во Чашка со идеја да ги информира и мотивира младите за можностите за младинско учество во општината. Информативната средба се одржа на 18 јули 2023 година, во Салата на ООУ Тодор Јанев, населба Чашка.
На настанот, кој е дел од напорите на општината за формирање Локален младински совет во Чашка, учествуваа триесетина млади од населените места Чашка, Извор, Лисиче и Долно Јаболчиште, како и членови на организации за млади и младински организации кои делуваат во општината.
Лидија Пљакова од Општина Чашка предочи дека младите ја имаат поддршката од страна на Општина Чашка која секогаш е спремна да ги поддржи нивните креативни предлози согласно можностите на општината.
Дејан Ристов од АКТИВО ги презентираше позитивните примери од формираните локални младински совети, како и постапката за нивно формирање.
На информативните средба присуствуваше и Трајче Мишкоски, Претседател на Советот на Општина Чашка. Мишоски ги мотивираше присутните да се пријават на престојниот повик за членови на Иницијативен одбор за формирање на Локалниот младински совет, и истакна дека младите ја имаат неговата поддршка и поддршката на Советот за конкретни идеи и активности кои се во нивни интерес.
Ангелина Димовска Стојанова, која го модерираше настанот, ги водеше младите низ процесот на дефинирање на младински потреби и препораки кои и официјално ќе бидат доставени до Општина Чашка.
Оваа иницијатива ќе придонесе за активно вклучување на младите во носењето одлуки на локално ниво, поголема информираност, јакнење на улогата на младите во општината, препознавање на младинските потреби и предизвици, поттикнување на напредокот и развојот на младите како и зајакнување на нивната улога во општеството
Одржувањето Младински форум е мотивирачки чекор младите од општина Чашка да практикуваат активно граѓанство преку формирање младински совет, да учествуваат во решавањето на проблемите на младите од општината преку доставување на своите препораки и да работат во градењето на подобра иднина во локалната средина за сите граѓани.