Многу нерешени предмети, главно заради некомплетна документација

На 29 јули 2021, Собранието на Република Северна Македонија го продолжи рокот на постојниот Закон заутврдување правен статус на бесправно изградените објекти за уште пет години, откако новиот предлог-закон за легализација на дивоградбите беше повлечен под притисок на стручната јавност и непотпишувањето на указот од страна на претседателот Стево Пендаровски. Владата реши да работи на подобрување на предложеното законско решение, а министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски најави дека новиот закон ќе се донесе после локалните избори.

НВО Инфоцентарот, во соработка со граѓанските организации АКТИВО, РЦС Спектар, СПО КУЛ и Граѓанска иницијатива на жени (ГИЖ), подготви преглед на состојбата со легализацијата на бесправно изградените објекти (заклучно со јуни 2021 година), во општините Велес, Крива Паланка, Неготино и Свети Николе.

Овој преглед е подготвен во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, финансиски поддржан од Меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска.

Клучни наоди

Голем број од поднесените барања за легализација на дивоградбите не се решени и покрај еднодеценискиот период на важност на Законот за утврдување правен статус на бесправните градби и негово продолжување. Процентот нерешени предмети, во Велес, Крива Паланка, Неготино и Свети Николе, во просек изнесува од 20 до 42%.

Главна причина за непроцесираните предмети е некомплетната документација на барателите и тоа најмногу заради неизготвени и недоставени елаборати за бесправно изградените одбјекти. Потоа, следуваат нерешените имотно-правни односи, невклопувањето на дивоградбите во урбанистичките планови, кадровските промени во надлежните комисии, недостигот од кадар, недостапноста на барателите, судските постапки и др.

Во периодот од 2011 до крајот на 2018 година, до кога важеше законскиот рок за доставување барања за легализација, најмногу барања, вкупно 10.000 биле поднесени во општина Велес. Оваа општина покажала и најголема ефикасност, односно решила дури 80% од предметите на граѓаните.

Во Крива Паланка поднесени се вкупно 5.030 барања, а решени се 3.191 (63%), во Свети Николе од 3.467 предмети решени се 2.000 (58%), а општина Неготино ги завршила постапките во 2.762 случаи од вкупно 4.456 (62%) барања.

Најголем дел од постапките во Велес и Свети Николе биле решени позитивно и странките ги легализирале бесправните објекти, додека во Крива Паланка и Неготино само околу 40-45% од постапките завршиле со позитивен исход, а останатите се одбиени или прекинати главно заради некомплетна документација, нерешени имотно-правни односи и судски спорови.

Во Неготино, во 2015 година, биле поднесени 35 барања за легализација на земјоделски објекти, но и по шест години не е решен ниту еден предмет и тоа, заради нефункционирање на комисијата за легализација.

Во ниту една општина не е регистрирано уривање дивоградби, освен во Крива Паланка каде се отстранети 37 бесправни градби, главно помошни објекти, шупи, гаражи, кои не се вклопувале во урбанистичкиот план.

Покрај некомплетната документација, главни пречки и потешкотии со кои се соочуваат општините при легализацијата на дивоградбите е нивното невклопување во урбанистичките планови.

Овој проблем е најизразен во општина Крива Паланка, која со години не може да ги ревидира и да донесе нови урбанистички планови (ГУП и ДУП-ови) поради трасите на инфраструктурата од Коридорот 8 (железница, автопат).

Наспроти перцепцијата на граѓаните дека постапките за утврдување на статусот на бесправно изградените објекти се одвиваат селективно и дека не се процесираат според редоследот на поднесените барања, општините тврдат дека сите предмети се решаваат неселективно и дека сите барања кои биле „чисти“ се решени во разумен рок.

Преглед по општини

  1. Општина Велес
  • Поднесени барања за легализација на дивогради – 10.000
  • Решени барања – 8.000
  • Позитивно решени предмети – 7.300
  • Негативно решени предмети – 300
  • Непроцесирани предмети – 2.000
  • Нема отстранети дивоградби

Причини за непостапување по предметите: Недостапност на странките, промена на живеалиште и телефонски број, смрт на барателот, нерешен статус на земјиштето, судски постапки, недостиг на човечки ресурси.

Пречки/ проблеми при реализација на постапките: Потешкотии при воспоставување контакт со странките, достава на дописи, опомени, наплата.

  1. Општина Крива Паланка
  • Поднесени барања за легализација на дивогради – 5.030
  • Решени барања – 3.191
  • Позитивно решени предмети – 1.399
  • Негативно решени предмети – 1.792
  • Непроцесирани предмети – 1.809
  • Отстранети дивоградби – 37 (помошни објекти, шупи, гаражи)

Причини за непостапување по предметите: Нерешени имотно-правни работи, голем број сопственици, необезбеди мислења од надлежни институции поврзани со транспортниот Коридор 8.

Пречки/ проблеми при реализација на постапките: Застарени и нефункционални урбанистички планови (ГУП, ДУП-ови) и потешкотии за нивно ревидирање, како и носење нови урбанистички решенија, поради се уште недопрецизирани работи на трасите на железничката пруга и автопатот кон Бугарија и заштитните појаси на Коридорот 8, кои ја условуваат легализацијата на овие подрачја.

  1. Општина Неготино
  • Поднесени барања за легализација на дивогради – 4.456
  • Решени барања – 2.762
  • Позитивно решени предмети – 1.095
  • Негативно решени предмети – 359
  • Прекинати постапки до комплетирање на документација, завршување на судски постапки и др. – 1.308
  • Поднесени 35 барања за легализација на земјоделски објекти, не е решен ниту еден предмет заради нефункционирање на Комисијата за легализација
  • Нема урнати дивоградби

Причини за непостапување по предметите: Чести кадровски промени во комисиите што се надлежни да постапуваат по предметите за легализација.

Пречки/ проблеми при реализација на постапките: Невклопување на дивоградибите во урбанистичките планови, чести промени и дополнувања на урбанистичката документација (ГУП, ДУП-ови) и нивно долгогодишно одобрување, празни барања без документација и др.

  1. Општина Свети Николе
  • Поднесени барања за легализација на дивогради – 3.467
  • Решени барања – 2.000
  • Позитивно решени предмети (или во постапка) – 1.950
  • Негативно решени предмети – 50
  • Нема урнати дивоградби

Причини за непостапување по предметите: Документацијата не се доставува навреме, особено геодетските елаборати.

Пречки/ проблеми при реализација на постапките: Недостиг на кадар за работа на проблематиката за легализација на бесправните објекти.