Започнавме тивко и ненаметливо, соочени со многу предизвици, но и со многу желба за докажување. Работевме од дома и во канцеларии кои повремено ни ги одстапуваше Извидничкиот одред „Димитар Влахов“ во Велес. Подоцна добивме и просторија од страна на Советот на Општина Велес. Нашето претходно искуство беше пресудно, да не препознаат донаторите како вистински партнер за соработка. Растевме и се развивавме, од пет поднесени апликации, исто толку и позитивни одговори. На радоста и немаше крај, следуваа и активностите во кои не се штедевме ни малку. Не мотивираа и граѓаните од Вардарскиот плански регион, бевме заедно во градењето на локалната демократија, практикување на доброто владеење и одговорно општество.

АКТИВО е создаден од група на ентузијасти, со долгогодишен ангажман во граѓанскиот сектор во Велес, Даниела Ковиловска, Дејан Ристов, Славица Ќучукова Николова, Марија Алчева и Александар Стојковски беа вклучени во активностите на Центарот за активни граѓани АКТИВО од Велес. Подоцна не поддржаа и Пенчо Кимов, Ангелче Гушев, Сашка Коцевска, Велимир Арсов, Сања Јорданова, проф.др Љупчо В’чков и Стефани Арсовска.Секогаш на прво место ни беа граѓаните, но и градењето на партнерски однос со Општините од Вардарски плански регион. Резултат од оваа соработка се локалните иницијативи кои беа од суштинско значење во развојот на руралните среднини, но и во урбаните заедници. Зад нас се повеќе проекти на кои АКТИВО успешно работеше, но зголемувањето на граѓанското учество во носењето на одлуки, подобрувањето на транспарентноста и отчетноста на институциите, поттикување на младинската ангажираност и поддршката на жените за активно вклучување во општествените политики ќе бидат наша водилка во следниот период.


Сакаме да изразиме благодарност до Европската Унија, Фондацијата Отворено општество Македонија, Фондацијата Квина Тил Квина, Транспарентност Македонија и Фондацијата НВО Инфоцентар.
Медиумската поддршка ни беше значајна, партнерскиот однос со веб порталот www.tirekovmirece.com и civilmedia.mk ни беа од големо значење во промоцијата на нашите активности.
Пријателството и меѓусебната почит беа пресудни да истраеме овие 5 години, но и да собереме искуство за да одбелижиме уште многу годишнини заедно. АКТИВО продолжува да соработува со локалната и централната власт, со граѓанските организации, но и со фондациите во странство.
Бидете дел од една успешна приказна.