МОНИТОРИНГ НА ФУНКЦИОНИРАЊЕТО НА ЛОКАЛНИТЕ МЛАДИНСКИ СОВЕТИ

Собранието на Република Северна Македонија во јануари 2020 година го донесе Законот за младинско учество и младински политики . Целта на зконот е поголема вклученост на младите во донесувањето одлуки преку национално собрание на млади, преку локални младински совети и собранија, но и генерално, да се овозможат повеќе сервиси за младите.

Со Законот се обезбедува креирање и спроведување политики за млади на сите нивоа, преку секторски пристап, преку зајакнување на младинското учество во процесите на креирање политики, поттикнување на волонтерството, младинскиот активизам и младинската работа, како и личен, професионален и социјален развој кај младите. Законот нормира дека Владата на централно и општините на локално ниво се задолжени да донесат стратегии за млади. Општините се должни да имаат службеник за млади, како и да отворат канцеларија за млади и младински центар.

Процедурата за отворање младински центри и обезбедување на нивниот квалитет е подетално уредена со Правилник за стандарди за квалитет на младинските центри , што го донесе Агенцијата за млади и спорт.

НВО Инфоцентарот со партнерските организации Спектар од Крива Паланка, Мајка од Куманово, Граѓанска иницијатива на жени од Свети Николе, Организација на жени од Струмица, АКТИВО од Велес, ЦЕД од Теарце и ЗЕУКС Тритон од Маврово и Ростуше, во периодот октомври – ноември 2022 година, спроведе мониторинг на активностите на општините за да се утврди колку од законските обврски на општините се реализирани.

Мониторингот опфати седум општини: Куманово, Велес, Струмица, Крива Паланка, Свети Николе, Теарце, Маврово и Ростуше. На општините беше доставено детално барање за пристап до информации од јавен карактер. Добиените податоци и документи беа анализирани, вклучително со мониторинг и анализа на информациите објавени на интернет-страниците на општините. За потребите на мониторингот беа спроведени и интервјуа со претставници на општините и младинските организации.

Клучни наоди:

  • Вклучувањето на младите не е висок приоритет за општините и повеќето доцнат со реализацијата на законските обврски. Или со други зборови, младинското учество во општините е сè уште во зародиш.
  • Иако според законот, општините требаше да имаат локални младински совети до јануари 2021 година, во три (Куманово, Струмица и Велес) од седумте мониторирани општини сè уште не е формиран локален младински совет, или пак, тој е се уште во фаза на формирање.
  • Слична е состојбата и со формирањето младински центри, кои според Законот за младинско учество и младински политики треба да бидат формирани најдоцна до 2024 година.
  • Во некои општини сè уште нема отворено канцеларија за млади.
  • Во некои општини локалните младински совети, сè уште се формирани како комисија на советот на општината, а не според новиот закон за младинско учество и младински политики
  • Активностите на постојните локални младински совети се срамежливи и во текот на една година реализираат само неколку активности.
  • Локалните младински совети не доставуваат до советите на општините, никакви иницијативи за поголемо младинско учество и вклучување..
  • Општините главно ја испочитувале обврската да назначат службеник за млади, но во дел од нив, службеникот не одржал ниту една средба со младите од општината.
  • Во најголемиот дел од седумте мониторирани општини не се почитува обврската за малдите да се издвојува 0,1% од општинскиот буџет.
  • Општините би требало во просек да трошат (минимум) околу 600 илјади денари годишно за спроведување на годишната програма за млади.
  • Речиси сите општини доцнат со донесување стратегија и акциски план за млади.
  • Општините не водат родово разделена статистика во процесите на планирање на мерките и на алокација на буџетските средства за поддршка на младите.

Прочитајте го целосниот текст на мониторингот Функционирање на локалните младински совети.

Овој мониторинг се реализира во рамките на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, финансиски поддржан од меѓународниот центар „Улоф Палме“ од Шведска.